Воспоставувањето на функционален регионален систем ќе овозможи трајно решение за проблемот со отпадот

Чистењето на ѓубриштата и нестандардните депонии само по себе не го решава проблемот со ѓубрето кој постои во земјата. Токму затоа, затворањето и санацијата на овие локации е дел од поширок и координиран пристап кој што зависи од воспоставување на функционален регионален систем за управување со отпад (РСУО) - појасни Емил Ангелов, експерт за институционален развој и управување со отпад од САЛАР Интернационал, во интервју на ТВ 24.
РСУО е систем кој што вклучува модерна инфраструктура, услуги за собирање и транспорт, правилна селекција на отпадот, затворање и санација на ѓубришта и депонии, како и безбедно одлагање на отпадот кој што ќе остане по правилното селектирање. Без вакво организирано управување со отпадот и мерки за спречување на повторното несоодветно одлагање, исчистените локации може повторно да се претворат во ѓубришта.
Дополнително, како што посочи Ангелов, селекцијата е важен дел од регионалниот систем за управување со отпад и е предуслов за намалување на количините отпад што завршуваат на депониите. Правилната селекцијата овозможува услови за депонирање на минимален дел од генерираниот отпад, како што е случајот со Шведска, каде што само 1% од отпадот завршува на депонија. Кај нас ситуацијата е поинаква, и 99% од собраниот отпад се депонира на постоечките нестандардни депонии.
За селекцијата да функционира, потребна е тесна соработка помеѓу општините, нивните комунални претпријатија и граѓаните. Покрај едукацијата, општините треба, пред сѐ, да обезбедат услуги што ја поддржуваат селекцијата - да обезбедат соодветни камиони, канти и контејнери, како и редовни рути за собирање на селектираниот отпад, итн. Од граѓаните, пак, се очекува правилно да ги користат услугите и да придонесат кон намалувањето на отпадот што завршува на депониите.Но не може да се очекува трајна промена во однесувањето доколку системот не ги обезбеди потребните услови, истакна Ангелов.
Во овој контекст, Ангелов истакна дека селекцијата како и затворањето и ремедијацијата на ѓубриштата и нестандардните депонии се препознаени како едни од приоритетите за воспоставување на одржлив регионален систем во новиот Регионален план за управување со отпад 2027–2032 (РПУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион. Регионалниот план ќе ја постави рамката за воспоставување на регионалниот систем, а целта е да се заменат тековните фрагментирани и несоодветни решенија, со координиран систем што ќе обезбеди поквалитетни комунални услуги, помалку отпад што завршува на депониите и подобра грижа за животната средина.
Покрај селекцијата и санацијата на ѓубриштата, клучните области кои ќе обезбедат функционален систем за управување со отпад се и изградбата на регионална инфраструктура, како што е регионалниот центар за управување со отпад во Новаци, подобрени институционални капацитети на локално и регионално ниво за испорака на услугите, обезбедување на финансиска одржливост, како и поголемото учество на граѓаните и одговорното постапување со отпадот.
Регионот се соочува со предизвици за кои што е потребна координација меѓу општините, јавните комунални претпријатија и другите институции, но и активно учество на граѓаните, бизнисите и граѓанските организации.
Целосното интервју можете да го погледнете на: https://youtu.be/BzQ3wjILrSQ?si=07TFG43x83v2sTiC
Поддршката за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион се обезбедува во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од САЛАР Интернационал.