Општина Кривогаштани започна со селекцијата на пластичен отпад во домаќинствата

Во Општина Кривогаштани започна воведувањето селекција на отпадна пластика во домаќинствата, како дел од активностите за воспоставување регионален систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Во почетната фаза, граѓаните доброволно се вклучуваат во системот преку склучување договори за користење бесплатни канти наменети за собирање пластичен отпад. Покрај кантите, домаќинствата добиваат и информативни летоци со упатства за правилна селекција бидејќи активното учество на граѓаните и правилното користење на кантите ќе бидат клучни за успешното спроведување на процесот и за почиста животна средина во општината.
Оваа активност која е реализирана во соработка со ЈП „Пелагонија“ а со поддршка од САЛАР Интернационал, претставува конкретен локален чекор во воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион. РСУО е систем кој што вклучува модерна инфраструктура како што е регионалниот центар за управување со отпад во Новаци, услуги за собирање и транспорт, правилна селекција на отпадот, затворање и санација на ѓубришта и депонии, како и безбедно одлагање на отпадот кој што ќе остане по правилното селектирање.
Целта на воведувањето на селекцијата во општина Кривогаштани е да се намали количината отпад што завршува на депониите и да се придонесе кон почиста животна средина. Правилната селекција започнува во домот, но за да даде резултати, потребни се и организирано собирање, соодветна опрема и активно учество на граѓаните. Токму затоа, во рамките на регионалниот проект, за потребите на ЈП „Пелагонија“ веќе е обезбедено ново специјализирано возило за собирање и транспорт на отпад.
Поддршката за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион се обезбедува во рамки проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од САЛАР Интернационал.