Во Пласница започна селекцијата на пластика и лименки во домаќинствата

Во општина Пласница започна воведувањето селекција на пластика и лименки во домаќинствата, како дел од активностите за подобрување на локалните услуги и воспоставување регионален систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Во почетната фаза, обезбедени се канти за селекција за 50 домаќинства, кои се вклучуваат во системот и добиваат практични насоки за правилно одвојување на пластиката и лименките. Активноста претставува прв чекор кон постепено проширување на системот и негово опфаќање на сите домаќинства во општината.
Со воведувањето на селекцијата, граѓаните ќе можат отпадот што може да се употреби повторно или да се рециклира да го одвојуваат уште во домот, наместо тој да завршува заедно со останатиот комунален отпад. На овој начин се создаваат услови и за намалување на количината отпад што се одлага и за поголемо искористување на материјалите.
Сепак, за селекцијата да даде долгорочни резултати, покрај учеството на граѓаните потребни се и организирано собирање, соодветна опрема и развој на услугите. Затоа, активностите во Пласница се дел од пошироките напори за постепено подобрување на системот за управување со отпад на локално и регионално ниво.
Поддршката за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион се обезбедува во рамки проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од САЛАР Интернационал.