Прилеп ја унапредува културата на селекција на отпад преку кампањата „Чисто е убаво“

Со долгогодишно искуство во селекцијата на отпад, Прилеп продолжува да ја унапредува културата на правилно постапување со отпадот преку кампањата „Чисто е убаво“ чија цел е да го прошири опфатот на селекцијата и дополнително да ја зајакне свеста за одговорно управување со отпадот. Кампањата ја спроведува ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, во соработка со локални граѓански организации и образовни установи, во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од SALAR International. Активностите се насочени кон унапредување на селекција во домаќинствата, како и кон едукација на граѓаните, особено на најмладите, за значењето на правилното селектирање отпад и зачувувањето на чистата животна средина.
Една од главните активности е вклучувањето нови домаќинства преку доделување канти за селекција на отпад. Притоа, ЈКП „Комуналец“ обезбедува и едукација за правилно селектирање на пластиката и металот. Дел од кампањата се и активностите за селекција на стаклена амбалажа на еколошките острови низ градот, каде што граѓаните можат да го одложат овој вид отпад и да придонесат за почиста околина.
Според податоците објавени од ЈКП „Комуналец“, во првите 90 дена од кампањата биле вклучени 770 домаќинства, на кои им биле распределени 1.400 канти, зелени за мешан комунален отпад и жолти за отпад што може да се рециклира. Резултатите ја потврдуваат важноста на континуираното проширување на системот и создавањето услови селекцијата да стане што повеќе дел од секојдневието.
Значаен дел од кампањата се едукативните активности за најмалите, како што е соработката со градинките „Наша иднина“. Преку игра, креативни активности и интерактивни содржини, децата на интересен и пристапен начин учат како правилно да го селектираат отпадот, да одржуваат хигиена и да се грижат за чистотата на својот град. Така, уште од најрана возраст се запознаваат со значењето на рециклирањето, одговорното постапување со отпадот и зачувувањето на животната средина. Во оваа активност учествуваат и граѓанските здруженија „Мој Прилеп“, „Станица 5“ и „Агро Лаг Лидер“, како и Извидничкиот одред „Феникс“, кои придонесуваат за информирање, едукација и активно вклучување на локалната заедница.
Прилеп со години вложува во селекцијата на отпадот, а признанието за најдобар град што применува циркуларна економија, во конкуренција на 63 општини, апликанти од Западен Балкан, дополнително ја нагласува важноста на продолжувањето и забрзувањето на започнатите активности и проекти. Кампањата „Чисто е убаво“ се надоврзува на веќе воспоставената основа и испраќа јасна порака: постојните навики за селекција треба постојано да се надградуваат и прошируваат за Прилеп и околина да останат чисти и убави.